Изјава на премиерот Матеуш Моравјецки
30.12.2019
Изјава на премиерот Матеуш Моравјецки
XX век му донел на светот незамисливо страдање и смрт на стотици милиони луѓе – убиени во име на болни, тоталитарни идеологии. Смртоносната жетва на нацизмот, фашизмот и комунизмот се очигледност за луѓето од нашето поколение. Очигледност, исто така, е тоа, кој одговара за тие злосторства – и со чиј сојуз ја започнала Втората светска војна, најсмртоносен конфликт во историјата на човештвото.
За жал, колку повеќе време изминува од тие трагични настани, толку помалку знаат за нив нашите деца и внуци. Затоа толку важно е гласно да ја кажуваме историјата за Втората светска војна, за нејзините сторители и жртви – и да им се спротивставаме на сите обиди за искривување на историјата.
Сеќавањето за тоа зло е особено суштинско за Полска – првата жртва на војната. Нашата земја најрано ја искусила вооружената агресија на хитлеровска Германија и советска Русија. Токму Полска била првата држава, којашто се борела во одбрана на слободна Европа.
Меѓутоа отпорот против тие империи на злото не претставува исклучиво спомен на полското јунаштво – тоа е нешто значително поважно. Тој отпор е наследство на целата слободна и демократска денешна Европа, којашто започнала борба против двата тоталитаризми. Денес, кога некои за свои политички цели сакаат да го погазат сеќавањето за тие настани, Полска мора да застане во одбрана на вистината. Не во име на својот интерес, туку во име на тоа што е Европа.
Потпишаниот на 23 август 1939 година Пакт Рибентроп-Молотов не бил „пакт за неагресија“. Тоа бил политички и воен сојуз, којшто ја делел Европа на зони на влијание – по течението на три полски реки: Нарев, Висла и Сан, по еден месец поместена на реката Буг, како резултат на склучениот на 28 септември 1939 година „Договор за граници и пријателство меѓу Третиот Рајх и СССР“. Тоа бил пролог за незамисливи злосторства, какви во текот на следните неколку години имале место од двете страни на таа линија.
Сојузот на Хитлер и Сталин бил молскавично имплементиран: на 1 септември 1939 година хитлеровска Германија ја нападнала Полска од запад, југ и север, а на 17 септември 1939 година СССР го направил истото од исток.
На 22 септември 1939 година во Брест се одржало големо дефиле – прославување на заедничката победа на хитлеровска Германија и советска Русија над независна Полска. Такви дефилеа не организираат страни на пактови за неагресија – тоа го прават сојузници и пријатели.
Токму така било со Хитлер и Сталин – долго биле не само сојузници, туку просто пријатели. Тоа пријателство цутело до толкав степен дека, кога група од 150 германски комунисти уште пред избувнување на војната избегала од III Рајх во СССР, во ноември 1939 година Сталин му ги предал на Хитлер на некој начин како „подарок“ – испраќајќи ги на сигурна смрт.
СССР и III Рајх цело време тесно соработувале. На конференција во Брест, на 27 ноември 1939 година, претставници на службите за безбедност на двете држави разговарале за методите и правилата за соработка при борба против полските организации што се бореле за независност на окупираните територии. Следни конференции помеѓу службени лица на НКВД и СС, во врска со нивната меѓусебна соработка, се одржувале меѓу останатото во Закопане и во Краков (во март 1940). Тоа не биле разговори за неагресија – туку за ликвидирање (читај: убивање) на луѓе, граѓани на Полска, како и за заеднички, сојузнички дејствија со цел целосно уништување на Полска.
Без соучество на Сталин во поделбата на Полска и без природните ресурси, коишто Сталин му ги доставувал на Хитлер, германската злосторничка машинерија не би ја освоила Европа. Последните возови со испораки се движеле од СССР кон Германија на 21 јуни 1941 година – еден ден пред хитлеровска Германија да го нападна дотогашниот сојузник. Благодарение на Сталин, Хитлер можел неказнето да освојува следни држави, да ги затвора Евреите од целиот континент во гета и да го подготвува Холокаустот – едно од најголемите злосторства во историјата на човештвото.
Сталин извршувал злосторнички дејствија на истокот, потчинувајќи си една земја по друга и развивајќи структура на логори, коишто Русинот Александар Солженицин ги нарекол „Архипелаг гулаг“. Логори, во коишто милиони луѓе, противници на комунистичката власт биле уништувани со робовско, убиствено измачување.
Злосторствата на комунизмот започнале уште пред избувнувањето на Втората светска војна – од смртта од глад на милиони Руси на почетокот на дваесеттите години, од Големата глад што резултирала со смрт на повеќе милиони граѓани на Украина и Казахстан, преку Големата чистка, во рамки на која биле убиени речиси 700 илјади политички противници и обични граѓани на СССР, најчесто Руси, вклучувајќи и во т.н. „Полска операција“ на НКВД, во рамки на која биле стрелани пред сè граѓани на СССР со полско потекло. За убивање биле предвидени деца, жени, мажи. Само во рамки на „Полската операција“, според податоци на НКВД, биле стрелани над 111 илјади луѓе – убиени со умисла од страна на советските комунисти. Тогаш да се биде Полјак во Советскиот Сојуз означувало смртна пресуда или долгогодишна интернација.
Продолжување на таа политика биле злосторствата извршувани веќе по советската инвазија врз Полска (17 септември 1939) – како убиството на над 22 илјади полски офицери и претставници на елитите, меѓу другото, во Катињ, Харков, Твер, Киев и Минск – а исто така, и во мачилиштата на НКВД и логорите во најоддалечените краеви на советската империја.
Најголеми жртви на комунизмот биле граѓаните на Русија. Историчарите проценуваат дека само во Советскиот Сојуз биле биени од 20 до 30 милиони луѓе. Смрт и логори ги чекале дури и тие, за коишто секоја цивилизирана држава се грижи – воените заробеници кои се враќале од војната. СССР не ги третирал како воени херои, туку како предавници. Тоа била „благодарноста“ на советска Русија за заробениците-војници на Црвената армија: смрт, логори, концентрациони логори.
За сите тие злосторства одговорни се комунистичките лидери, на чело со Јозеф Сталин. Обидите за рехабилитирање на тој лик, коишто се преземаат по 80 години од избувнувањето на Втората светска војна, за политички цели на сегашниот претседател на Русија мора да предизвикуваат решително противење на секој, којшто има макар основни знаења за историјата на XX век.
Претседателот Путин повеќекратно лажел во врска со Полска. Тоа секогаш го правел целосно свесно. Обично тоа се случува во ситуација, кога властите во Москва чувствуваат меѓународен притисок поврзан со нивните дејствија. И тоа не притисок на историската, туку на современата геополитичка сцена. Во последните седмици, Русија претрпела неколку суштински порази: со неуспех завршил обидот за целосно потчинување на Белорусија, Европската Унија повторно ги продолжила санкциите воведени поради бесправната анексија на Крим, а разговорите во т.н. „нормандски формат“ не само што не довеле до укинување на санкциите, туку истовремено дошло до следни заострувања – овој пат американски – коишто значително ја отежнуваат реализацијата на проектот „Nord Stream 2“. Истовремено руските спортисти токму сега се суспендирани на четири години за користење допинг.
Зборовите на претседателот Путин ги третирам како обид за сокривање на тие проблеми. На рускиот лидер совршено му е јасно дека неговите обвинувања немаат ништо заедничко со реалноста – и дека во Полска нема споменици на Хитлер, ниту на Сталин. Такви споменици на наша земја имало исклучиво тогаш, кога ги подигнувале агресорите и злосторниците – хитлеровскиот III Рајх и советска Русија.
Рускиот народ – најголемата жртва на Сталин, еден од најсуровите злосторници во историјата на светот – заслужува вистина. Длабоко верувам во тоа дека рускиот народ е народ на слободни луѓе – и дека го отфрла сталинизмот, дури и кога власта на претседателот Путин се обидува да го рехабилитира.
Нема согласност за замена на џелатите со жртвите, сторителите на сурови злосторства во невиното население и нападнатите држави. Во име на сеќавање за жртвите и во име на заедничката иднина, мораме да се грижиме за вистината.
Матеуш Моравјецки
Претседател на Советот на министрите