Олга Токарчук ја доби Нобеловата награда за литература
15.10.2019
Олга Токарчук - полска писателка и активистка е добитничка на Нобеловата награда за литература „за наративната имагинација, која со енциклопедиска страст го претставува преминувањето на границите како форма на живот”.
- Срдечно и честитам на госпоѓата Олга Токарчук, неспорниот амбасадор на полската култура - рече министерот за надворешни работи Јацек Чапутович.
Олга Токарчук е родена на 29 јануари 1962 г. во Сулехов во близина на Зjeлона Гура во семејство на учители. Нејзиниот татко работел и во училишната библиотека, каде како дете Олга Токарчук се заинтересирала за литература. Дипломирала психологија на Варшавскиот универзитет. По дипломирањето се преселила во Вроцлав, а потоа во Валбжих, каде работела како терапевт. Од 1998 г. полската писателка живее во малото село Крајањов кај Нова Руда.
Авторка на 17 книги - романи, збирки раскази, есеи, како и филмски сценарија. Во 1993 г. таа го објави својот прв роман „Патување на луѓето од книгата”. Книгата беше добро примена во Полска и доби награда за најдобро деби. Вистински успех и донесе нејзиниот трет роман, „Правек и другите времиња“, објавен во 1996 г. Семејна сага која се одвива во митското село Правек во срцето на Полска, штитено од четири архангели. Книгата е преведена на многу јазици, а Токарчук се стекна со меѓународна слава.
Следната публикација „Дневна куќа, ноќна куќа“ (1998) претставува мешавина на приказни и слики, која го прикажува регионот обликуван од многу култури, индивидуални судбини и перспективи. Инспирирана од мапи и од надворешна перспектива, писателката во 2007 г. ја објави книгата „Талкачи“. За овој роман во 2018 г. таа ја освои меѓународната награда „Man Booker International“.
Во 2009 г. Олга Токарчук го објави романот „Терај го својот плуг низ коските на мртвите“, напишан во стилот на крими-роман и стана основа за филмот „Трага од дивеч“ во режија на Агниешка Холанд. Романот „Терај го својот плуг низ коските на мртвите“ се најде на кратка листа на книги номинирани за наградата „Man Booker International 2019“.
Големо дело на Токарчук е импозантниот историски роман „Книгите на Јаков“од 2014 г,. во кој е раскажaнa приказната за Јаков Фрaнк, Евреин кој во осумнаесеттиот век како верски водач го водел преобраќањето на своите сонародници во католицизам.
Во моментов Олга Токарчук е една од најпризнатите и комерцијално најуспешните полски писателки. Таа е лауреат на многу награди, вклучително и наградата на Полското друштво на книгоиздаватели, Наградата на Фондацијата Koсќелски, Меѓународната награда за литература Културхусет Стадстеатерн од Стокхолм. Двапати - во 2008 и 2015 г. - ја освои наградата за литература „Нике“, пет пати ја освои Нике на читателите. Во 2019 г. „Книгите на Јаков“ во превод на Марила Лоран ја освои наградата Prix Laure Bataillon за најдобрата книга на странски јазик, преведена на француски јазик.
На 10 октомври 2019 г. Олга Токарчук и се приклучи на групата полски добитници на Нобеловата награда за литература: Хенрик Сјенкјевич, Владислав Рејмонт, Исак Башевис Сингер, Чеслав Милош и Вислава Шимборска.