Министерот Збигњев Рау учествуваше на Преспа форумот за дијалог во Охрид
02.07.2021
- Полска доследно ја поддржува широката соработка на НАТО со земјите од Западен Балкан во областа на политичкиот и воениот дијалог и помошта во спроведување реформи. Исто така се залагаме за развивање на соработката ЕУ-НАТО во регионот во борбата против хибридните закани и дезинформациите и градење силни, издржливи државни структури, рече министерот Збигњев Рау во петокот во македонскиот Охрид.
На панел дискусијата на која учествуваа премиерите на Србија, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина, како и министрите за надворешни работи на Австрија и Турција, посветена на синергијата на акциите на ЕУ и САД за Западен Балкан, министерот Рау ја истакна важноста на тесната трансатлантска соработка, не само за безбедноста на целата област на Атлантикот, туку и за иднината на регионот на Западен Балкан. Тој исто така укажа на важноста на процесот на проширување на НАТО за стабилизација на регионот, нагласувајќи дека тоа беше историски момент за Северна Македонија, која минатата година стана 30-та членка на Алијансата.
Во својот говор шефот на полското МНР истакна дека Полска силно ги поддржува европските аспирации на Западен Балкан. - Полска решително ќе се залага за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија за време на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ - најави министерот Рау. Тој исто така обрна внимание на солидарноста на Полска и целата ЕУ со земјите од Западен Балкан во контекст на борбата против пандемијата КОВИД-19. Укажа и на можностите кои на земјите од регионот на Западен Балкан им ги дава иницијативата „Три мориња“, во која активно се вклучени и САД. - Отворени сме на соработка меѓу земјите од Иницијативата „Три мориња“ и партнерите од Западен Балкан во заедничката имплементација на стратешките инфраструктурни проекти, со што се зајакнуваат врските во секторите на транспортот, енергијата и дигиталните технологии - рече министерот Рау во својот говор.
Министерот Рау учествуваше на инаугуративното издание на Преспа форумумот за дијалог на покана на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи. Станува збор за меѓународна конференција организирана под покровителство на премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, под мото „Западен Балкан: Делот што недостига за Европа да биде целосна“. Концептот на конферецијата се базира на историскиот договор со Грција, потпишан на 17 јуни 2018 г. на Преспанското Езеро, со кој се стави крај на повеќе од четврт век долгиот спор за името на државата и и овозможи на Северна Македонија влез во НАТО.
На маргините на Форумот полскиот министер за надворешни работи се состана со вицепремиерот на Северна Македонија за европски прашања, Никола Димитров, кој во 2018 година, како министер за надворешни работи од страна на Северна Македонија го потпиша договорот од Преспа. Министерот Рау го увери вицепремиерот Димитров за силната поддршка на Полска за европската перспектива на Западен Балкан, нагласувајќи дека Северна Македонија и другите земји од регионот се составен дел од европското семејство.
Канцеларија на Портпарол
Министерството за надворешни работи
фот.Тимон Марковски/МНР
видео: Габриел Пиентка/МНР