Покана за концерт на Шопен во градскиот парк
10.05.2024
Почитувани, Ве каниме на несекојдневен музички настан организиран од Амбасадата на Република Полска, по повод Денот на Уставот, којшто ќе се случи на 11 мај (сабота) со почеток во 12 часот .
Имено, во Градскиот парк, на „Школка“, македонскиот пијанист Дино Имери ќе одржи рецитал на кој ќе изведе дела од големиот романтичар,
полскиот композитор Фредерик Шопен.
„Волшебникот на пијаното“, Дино Имери, ќе ги изведе најпознатите пиеси за пијано од еден од најголемите композитори на сите времиња: Балада бр.1 оп.23, во g-moll, Grand Valse Brillante оп.34 бр.1, во As-dur, Валцер оп.64 бр.2, во cis-moll, Валцер оп.64 бр.1, во Des-dur -„Минутен“, Ноктурно оп.20, во cis-moll, Скерцо бр.2 оп.31, во b-moll, Мазурка оп.17 бр.4, во a-moll и Полонеза оп.53, во As-dur - „Херојска“.
Станува збор за навистина редок настан, затоа што класичната музика не се изведува често на отворено.
Но, идејата е и Скопје да се придружи на традицијата на реализирање на концерти на отворено какви што се случуваат во Полска, близу Варшава, токму кај споменикот на Шопен и неговото родно место, од страна на врвни, светски пијанисти.
Целта е постојано да живее творештвото на овој музички гениј кој светот го направи подобро место за живеење.
Настанот е бесплатен.