„Полска на полица. Полската литература во македонските библиотеки“, семинарот за библиотекарите
28.02.2024
По завршувањето на фазата со предавање на полските книги во македонските библиотеки, вчера 27.02.2024г. во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје се одржа следната фаза од проектот „Полска на полица. Полската литература во македонските библиотеки“, семинарот за библиотекарите.
Учество земаа 50 библиотекари од целата земја. Предавањата на тема Полската литература за возрасни и деца ги одржаа професори од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. На настанот присуствуваа Амбасадорот на Република Полска во Северна Македонија, г. Кшиштоф Гжелчик, Конзулот на Република Полска во Северна Македонија, г. Пјотр Висоцки и сопругата на Амбасадорот, г-ѓа Јоланта Гжелчик, која е координатор на проектот. Поздравни говори одржаа Амбасадорот и директорката на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје, г-ѓата Снежана Стојчевска.
Претставничката од Полскиот Институт за книги, г-ѓа Катажина Хумењук, ја претстави програмата за промоција на читањето под покровителство на Министерство за култура и национално наследство од Полска.
Учесниците добија сертификати за учество и промотивен материјал подготвен од Амбасадата.