ПРОЕКТ ПОЛСКА НА ПОЛИЦА. ПОЛСКАТА КНИЖЕВНОСТ ВО МАКЕДОНСКИТЕ БИБЛИОТЕКИ
13.02.2024
Со денешниот настан, односно предавањето на книги од полски автори преведени на македонски јазик на директорката на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје, г-ѓа Снежана Стојчевска, амбасадорот на Република Полска во Северна Македонија, Кшиштоф Гжелчик, свечено го отвори проектот „Полска полица. Полската книжевност во македонските библиотеки“.
Овој проект има за цел да ги популаризира полските книжевни достигнувања меѓу македонската читателска публика.
Околу 50 донирани наслови вклучуваат и класици и дела од современи автори. Има книги за возрасни и помлади читатели.
Истите комплети книги во наредните денови ќе ги збогатат збирките на библиотеките во Охрид, Тетово, Битола, Гевгелија и Штип.
На 27 февруари годинава Амбасадата на Република Полска во Скопје организира семинар за македонските библиотекари, посветен на полската книжевност, а особено на насловите и авторите од донираната збирка. Предавања и презентации ќе одржат професори и преведувачи од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје: проф. Лидија Танушевска, проф. Јасминка Делова-Силјанова и проф. Весна Мојсова-Чепишевска, како и претставник од полскиот Институт за книга – г-ѓа Катажина Хумањук.
Семинарот ќе се одржи во библиотеката Браќа Миладиновци, која е партнер на проектот. Амбасадата на РП во Скопје во своите активности е поддржана и од полскиот Институт за книга и македонското Министерство за култура.
Од активностите што ќе ја промовираат полската книжевност во Северна Македонија треба да се издвои и „Месец на полската книжевност“ во библиотеките во мај, кога ќе гостуваат писатели од Полска.
Иницијатор и координатор на проектот „Полска полица“ е Јоланта Гжелчик.
Графички дизајнер на проектот е Наталија Лукомска.
Се надеваме дека сите овие настани ќе ги поттикнат Македонците да го откријат богатството и разновидноста на полската литература.