Свечено отворање на изложбата во Музејот на современа уметност во Скопје
14.06.2023
Во рамки на одбележувањето на 60-годишнината од трагичниот земјотрес во Скопје, во вторник, на 13 јуни, се одржа отворањето на изложбата „Дефрагментација“, во организација на амбасадите на земјите од Вишеградската група и Музејот на современа уметност - Скопје.
На изложбата се претставени избрани дела, подарени на Музејот од сликари, скулптори и графичари од Полска, Чешка, Словачка и Унгарија. Делата се создадени во текот на 20-ти век и претставуваат репрезентативен преглед на уметничките достигнувања на повеќе генерации уметници од Централна Европа.
Полските уметници ѝ се приклучиле на меѓународната помош, донирајќи над 200 уметнички дела од 135 автори. Меѓу нив има и слика од Јежи Новосјелски, сликар, сценограф и цртач, како и еден од најистакнатите современи иконописци. По повод 100-годишнината од раѓањето на овој истакнат уметник 2023 година во Полска е прогласена за Година на Јежи Новосјелски, а изложувањето на една од неговите слики е одлична можност за потсетување на неговите достигнувања.
На отворањето присуствуваше министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, претставници на властите, дипломатскиот кор, уметничката заедница, полската дијаспора и други поканети гости.
Изложбата ќе биде отворена до 15 септември 2023 г.
Срдечно Ве покануваме!
Фото: Наташа Гелева