Шеф на мисија
Мариуш Бримора
Мариуш М. Бримора - филолог и дипломат. Матурирал во една од најстарите гимназии „д-р Т. Халубињски“ во Радом, Полска, основана во 1905 г. Коосновач на Фондацијата „Fundacja Chałubińszczaków”.
Во 1983 г. магистрирал англиска филологија на Универзитетот Марија Кири-Склодовска во Лублин. За време на студиите се вклучил во активностите на Самостојната студентска асоцијација, а за време на студентските штрајкови во есента 1981 г. ја извршувал функцијата претседател на одборот за штрајк на Факултетот за хуманистички науки при Универзитетот Марија Кири-Склодовска. По дипломирањето, се вратил во родниот град Радом, каде што работел како академски професор на Вишата школа за инженерство (денес Универзитет за технологија и хуманистички науки) и на колеџот за наставници за странски јазици во Радом.
Во периодот од 1993-1995 година ги завршил постдипломските студии по британска историја и култура на Универзитетот во Варшава и колеџот Раскин во Оксфорд, добивајќи дипломи од двата универзитета.
Работел и како судски преведувач на англиски јазик, а бил косопственик, но и предавал во приватното училиште за странски јазици „Лингвалинк“ во Радом во периодот од 1992-1998 г.
Во 1994 г. бил избран за член на Градскиот совет на Радом, каде што бил претседател на клубот на советниците на власт во градот, а во последната година од неговиот мандат ја извршувал функцијата заменик градоначалник на Радом.
Од 1999 г. работи во странската служба. Ја извршувал функцијата заменик генерален конзул во Чикаго (1999-2003), советник - раководител на одделот за јавна дипломатија и информација во амбасадата на Република Полска во Вашингтон (2005-2009) и бил генерален конзул во Лос Анџелес (2013-2017). За време на својот престој во Варшава работел како раководител на секторот за медиуми во одделот за систем на информации, бил раководител и на секторот за контакти со амбасадите во одделот за јавна дипломатија и култура, но и заменик директор на истиот каде што бил одговорен за промотивната дејност на полските дипломатски претставништва, особено полските институти. Во исто време како дел од екипата на МНР работел на создавање на краток документарен филм "За Полска? Да!" - краток документарец во кои своите асоцијации за Полска ги споделуваат најголемите познати личности од светот на културата.
Автор е на следните публикации:
- "Тhe Use of Language and the Problem of Communication in Harold Pinter’s Selected Plays", Lubelskie Materiały Neofilologiczne, 1986.
- "Żydoptak – tłumaczenie dwóch opowiadań Bernarda Malamuda", Wydawnictwo Literackie, Kraków, 1989.
- "400 Years of Polish Immigrants in America", Warszawa, Wydawnictwo Ex Libris Galeria Polskiej Książki, 2008.
- "Embassy of the Republic of Poland in Washington D. C.", Washington: Embassy of Poland, 2009.
- "One Hundred Years of Polish Diplomatic Presence in the United States: 1919–2019", Olszanica, Wydawnictwo Bosz, 2019.
- "Historia polskiej dyplomacji w Stanach Zjednoczonych 1919-2019", Warszawa, Wydawnictwo Ex Libris, 2020.
- "Romuald Spasowski. Spowiedź ambasadora", opracowanie i redakcja Mariusz Brymora, Kraków, Wydawnictwo Universitas, 2022.
Од 1981 г. е во брак со сопругата Гражина, со која има две возрасни деца - Филип и Ана.
Во ноември 2024 г. е именуван за амбасадор на Република Полска во Република Северна Македонија.